Стриминг-платформата за аудио содржини Spotify го објави новиот „Преглед на годината“ (“Wrapped”). Како што сме навикнале, корисниците ќе можат да видат кои артисти најмногу ги слушале во изминатите 12 месеци и таквиот увид да го споделат со своите пријатели на социјалните мрежи.
Меѓутоа, оваа година, платформата воведе и неколку нови елементи за да ја зголеми интерактивноста со публиката. „Веќе многу години, Wrapped беше еднонасочна улица. На милиони луѓе им го дававме прегледот и тие зборуваа за него. Но, оваа година, прегледот ќе се движи во двете насоки. Сé е со цел интерактивност и игра“ – посочува Алекс Бодман, потпретседател и глобален извршен креативен директор во Spotify.
Проширувајќи ги типичните персонализирани картички, на корисниците ќе им биде прикажан и нивниот „слушачки персоналитет“, искористувајќи ги нивните музички навики за генерирање на „профил на личност“, според кој потоа ќе можат да отклучат посебна „леќа“ на Snapchat што го одразува нивниот слушачки профил.
Во некои од големите светски градови се поставени и билборди и други out-of-home реклами кои ги покануваат луѓето да ги откријат најслушаните артисти, песни и жанрови преку решавање на загатки. Инаку, за информација, најслушан артист на Spotify веќе трета година по ред е раперот Bad Bunny.
Искористувајќи ги слушачките податоците, Spotify исто така може да покаже колку пати корисниците пуштиле некоја песна и на кој ден таа најмногу била стримувана. Ако личноста е некоја чии музички навики се менуваат во текот на денот во зависност од расположението, тоа исто така ќе биде прецизно претставено за прв пат оваа година.
Сè во кампањата може да се сподели преку порака на платформите WhatsApp, Facebook Messenger и Instagram, вклучувајќи и видео-пораки од Тејлор Свифт, Били Ајлиш и Шања Твен кои им се заблагодаруваат на фановите за нивната поддршка.
Дел од кампањата се и фудбалерите на Барселона, чиј тим е спонзориран од Spotify, кои исто така јавно ќе ги споделат своите резултати од прегледот на стриминг-платформата.
Конечно, Spotify за прв пат ќе се појави и во виртуелниот свет на играта Roblox, преку брендиран виртуелен остров кој што играчите ќе можат да го посетат.