Во организација на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – АЕТМ, на 11-ти ноември се одржа Петтата конференција за е-трговија, на тема “E-commerce. Accelerate!”, на која присуствуваа над 470 лица со физичко присуство, а истата ја следеа и преку 130 лица со онлајн присуство.
Петтото издание беше најмасовната конференција досега, која можеше да се следи со физичко и онлајн присуство од учесници од Македонија и од регионот. На конференцијата свое излагање имаа 29 искусни говорници од 10 земји од светот. Програмата на конференцијата беше фокусирана на можностите кои ги нуди е-трговијата во регионот, промените на навиките кај купувачите предизвикани од е-трговијата, правилното користење на податоците, технологијата и маркетингот во е-трговијата за да се дојде до раст на бизнисите, а беа и споделени практични совети како да се постигне успех во е-трговијата и од пазарите на Западен Балкан.
Во продолжение, ви ги претставуваме петте заклучоци од овогодинешната конференција:
1. И ПОКРАЈ РАСТОТ НА Е-ТРГОВИЈАТА ВО МАКЕДОНИЈА, ТРГОВЦИТЕ СЕ УШТЕ СЕ СООЧУВААТ СО БРОЈНИ ПРЕДИЗВИЦИ И БАРИЕРИ
Во изминатите две години, пандемијата значајно го промени однесувањето на потрошувачите и предизвика забрзан раст на онлајн продажбите. Едно од главните прашања кое се поставува е дали и колку овој раст успева да се задржи и по враќање на економијата во нормала.
На конференцијата беше промовирана годишната Анализа на е-трговијата 2022 година со наслов „E-трговијата во Република Северна Македонија и споредба со регионот и европските земји, 2022 година”, а Претседателката на АЕТМ – Д-р Нина Ангеловска која воедно е ко-автор на истата ги презентираше клучните сознанија за состојбата на е-трговијата во земјата и регионот.
Охрабрувачки е што согласно последните податоци на НБРСМ, во првото полугодие од 2022 година анализирано според обемот и вредноста на онлајн трансакциите растот продолжува со добра динамика. Во текот на првото полугодие од 2022 година, вкупната вредност на онлајн трансакциите реализирани во земјата од Македонци и странци и во странство од Македонци, изнесува скоро 277 милиони евра, што претставува пораст од 31.7% во однос на истиот период минатата година. Од нив, Македонците со домашни платежни картички потрошиле речиси 195 милиони евра во првите 6 месеци од оваа година кон домашни онлајн продавници што претставува 70% од вкупната вредност на направени онлајн трансакции и пораст на вредноста на направените трансакции од 22% во однос на истиот период претходната година (согласно ревидираните податоци за 2021 година на НБРСМ од март и јуни 2022).
Раст има и во домашната понуда на онлајн производи и услуги која исто така се зголемува, а кон тоа придонесуваат и новоотворените е-продавници. Во првите шест месеци во 2022 година отворени се 110 нови е-продавници и заклучно до јуни активни се 1.762 интернет продажни места.
Но и покрај постигнатиот напредок и раст во бројот и обемот на онлајн трансакции, како и зголемената понуда на онлајн производи и услуги, сепак и во овогодишната анализа на секундарните податоци и анализата на прашалникот од е-трговците и понатаму се посочени многубројни предизвици и бариери како несоодветниот кадар, нелојалната конкуренција, недоволното ниво на дигитална писменост, особено во доменот на вештините за создавање дигитални содржини и вештини за решавање на проблеми, сивата економија, ниското ниво на свесност за онлајн купување како и генералната недоверба во онлајн купувањето, на кои што треба активно и континуирано да се работи за да се овозможи дополнителен и забрзан раст на е-трговијата.
- РЕГИОНОТ НУДИ МНОГУ МОЖНОСТИ ЗА РАЗВОЈ НА Е-ТРГОВИЈАТА
Компаниите од областа на е-трговијата во регионот на Западен Балкан имаат можност да се претстават пред голем интернационален пазар кој брои повеќе од 17 милиони потенцијални купувачи. Но, факт е дека овој потенцијал сè уште не е доволно искористен од земјите во регионот, иако се застапени мошне силни брендови кои остваруваат бројни онлајн продажби на своите локални пазари.
Но, за жал сè уште има бројни препреки кои е неопходно да се надминат и може да се класифицираат во неколку категории. Најчестите препреки или бариери кои беа наведени за време на конференцијата од локалните е-трговци кои работат прекугранично во регионот се: проблеми со достава на различен пазар од локалниот, различна регулатива во секоја од земјите, различни царински постапки во секоја земја и различен начин на оданочување. Потоа, доаѓа брзината на достава и можноста за замена или враќање на купени производи онлајн. На крај како препреки беа посочени и малата куповна моќ и недоволно развиените потрошувачки навики за онлајн купување на граѓаните во регионот.
Позитивно во регионот е тоа што од лани речиси на секој од пазарите во регионот се основани Асоцијации за е-трговија кои ги здружуваат компаниите од регионот за да се постигнат подобри услови за раст и развој на секторот. Имајќи предвид дека ниту еден пазар сам по себе не е доволно голем, регионален пристап е единствен начин за успех на кој во моментов треба да се размислува, а неопходни се и сериозни партнери и од владиниот и од приватниот сектор, како и визија со цел да се постигне успех.
- Е-ТРГОВИЈАТА ГИ МЕНУВА НАВИКИТЕ НА КУПУВАЧИТЕ
Со секојдневно вклучување на нови компании во системот за е-трговија директно се придонесува кон зголемување на понудата на производи и услуги кои се продаваат онлајн и индиректно се влијае и на зголемување на бројот на купувачи кои се одлучуваат да купуваат онлајн и да ги користат онлајн услугите и на промена на нивните потрошувачки навики. Модерниот човек сака да го гледа онлајн само она што го интересира, да вежба кога на него му одговара и тоа што најмногу му одговара во моментот, а од онлајн купувањето очекува да е брз и едноставен процес. Модерниот купувач сака да ги добие своите нарачки веднаш, а целта на е-тровците треба да биде да го овозможи истото колку што е можно побрзо и на што е можно поедноставен начин.
За промената на навиките на потрошувачите на конференцијата говореше и Јакоб Климчик од TikTok, кој сподели дека оваа платформа се фокусира на нов начин на интеракција со корисниците преку која им овозможува забава и со тоа рекламите не ги прави досадни, туку напротив, им овозможува тие да уживаат во нив. На овој начин корисниците се инспирирани да обезбедат повеќе информации за брендовите чии производи сакаат да ги купат, а оваа платформа ги спроведува корисниците низ целиот процес – од откривање на одреден бренд, производ или услуга, па сè до крајно купување.
- ПРАВИЛНОТО КОРИСТЕЊЕ НА ПОДАТОЦИ, МАРКЕТИНГОТ И РАЗВОЈОТ НА ТЕХНОЛОГИЈАТА СЕ ОСНОВА НА РАСТОТ НА БИЗНИСИТЕ
Секојдневно сме во контакт со огромен број на податоци и информации и преку нивно правилно користење, комбинирано со добра маркетинг стратегија и автоматизација на процесите можеме да постигнеме сериозен успех во е-трговијата.
Всушност, еден од експертите за дигитален раст, Амин Сиала од Google, рече дека доколку сте дел од е-трговијата денес, тогаш веројатно сте на добар пат имајќи го предвид брзиот раст на оваа индустрија која што е иднината на многу бизниси во светот. Преку искористување на можностите кои ги нудат глобалните платформи, имате можност да бидете видени насекаде во светот, а преку тоа да го зголемите бројот на следбеници, корисници и што е најзначајно да го зголемите вашиот приход. Сè што правите е мерливо, односно во секој момент можете да направите анализа како се развива вашиот бизнис, кој ја отвора вашата веб страна, кој купува итн. Интересен факт е што во Македонија најпребарувани категории се спорт и електроника, а најголем раст има категоријата убавина. Од сите пребарувања, дури 70% се направени преку мобилен телефон, додека 60% се направени на англиски јазик и тоа говори колку е неопходно брзо да се прилагодиме и да бидеме достапни на мобилните уреди како и да биде преведена содржината која ја нудиме на нашите корисници.
Интеграцијата на правилни системи кои ги автоматизираат процесите, придонесува кон заштеда на драгоцено време, можеме да се стекнеме со релевантни податоци преку кои ќе анализираме како работи нашиот бизнис, имаме можност да го зголемиме приходот и профитот и да го оптимизираме начинот на трошење на средствата.
Во е-трговијата значајно е да ја познавате целната група на која и се обраќате, затоа што заедницата може да ја придвижи вашата компанија кон раст. Сè уште, комуникацијата од корисник на корисник е најдобриот маркетинг, бидејќи тие корисници не зборуваат за вас или вашиот продукт, туку го истакнуваат нивниот добар избор и се поистоветуваат со вашиот бренд или вашата компанија.
Претставникот од Httpool кој што зборуваше за Мета платформите со присутните ги сподели најголемите митови кои се однесуваат на платено рекламирање на овие платформи (Instagram, Facebook), притоа истакнувајќи дека се додека немате добра фотографија или видео, ниту едно “copy”(текстуален опис) не е доволно квалитетно за да биде забележано од страна на корисникот. Следна работа која се анализира од страна на корисникот е дали објавата е спонзорирана или не.
Европскиот пазар има обрт од 720 билиони евра и секоја година расте за 5%. Најдобар начин да се приклучите на овој пазар, како и останати пазари кои се меѓусебно поврзани, е добро да се позиционирате на пазарот каде дејствувате примарно, па потоа да размислите за проширување на вашата мрежа и продажни активнисти надвор од локалниот пазар.
- ПОТРЕБНА Е ВКЛУЧЕНОСТ НА ВЛАДИТЕ ОД РЕГИОНОТ ЗА ЗАБРЗУВАЊЕ НА Е-ТРГОВИЈАТА
Во Македонија постои закон за е-трговија со кој е воспоставена законска рамка, која не содржи преголеми правила и бариери со кои би се ограничила е-трговијата. Со донесувањето на оваа правна рамка која е целосно во склоп на законската рамка на ЕУ имаме можност понатаму континуирано да ја развиваме е-трговијата.
Со цел во иднина да се овозможи користење на сите придобивки од е-трговијата, целосно се следи дигиталната стратегија на ЕУ и се работи на нов пакет прописи за дигитални услуги кои се однесуваат на правила за испорака на пратки, правила за неосновано гео-блокирање, правила за заштита на потрошувачи и правила за ДДВ.
Но, за да има раст и развој на е-трговијата и во регионот, не само на локално ниво, иницијативите како “Отворен Балкан” се добредојдени и неопходно е владите од засегнатите пазари во регионот да работат заеднички, со цел забрзување на е-трговијата.
Електронската трговија, исто така е еден од клучните приоритети на ЦЕФТА и во 2019 година беше усвоен дополнителен Протокол 6 кој понатаму беше разработен во приоритети и конкретни активности во рамките на акционен план за развој на е-трговијата во рамките на ЦЕФТА. Во јуни 2021 година се комплетираа техничките преговори за одлуката за олеснување на е-трговија која е клучна за создавање на дигитален пазар меѓу ЦЕФТА страните. Со оваа одлука се усвои принципот за Заеднички пазар и усогласување на клучните правила кои се обезбедуваат на бизнисите, односно една група правила за 7 пазари. Тоа значи дека нема потреба од посебно овластување и посебна регистрација на дигиталните бизниси, компаниите се соочени со помалку трошоци поврзани со регулаторна анализа, а се работи и на усогласеност, спроведување и судови. При имплементација на сите овие стратегии, се почитува европскиот принцип на заеднички пазар, кој вели дека доколку една компанија легално обезбедува услуги во било кој ЦЕФТА пазар во согласност со националните регулативи, другите страни нема потреба да бараат од оваа компанија да биде во склад со нивните прописи. Дополнително, ги усогласува регулативите во клучните области како заштита на потрошувачите.
Во периодот што следи ќе се усвојат и останати значајни одлуки со кои ќе се воспостави регулаторна рамка за прекугранична испорака на пакети со цел имплементирање на целосна транспарентност на цените за транспортни услуги и ќе се отстрани неоправданото географско блокирање со цел да се заштитат потрошувачите од дискриминаторски практики.
Имајќи во предвид дека растот и развојот на е-трговијата е во интерес не само за развој на домашната економија, туку и на целиот регион, треба да се работи заеднички и уште поинтезивно на ревидирање на постоечките легислативи за е-трговија и усогласување со ЕУ регулативата за да може што побрзо да се доближиме до земјите од Европската Унија.