Канскиот финалист “Brigometar”, за кој известија преку 300 медиуми ширум светот, а магазинот Contagious го вклучи меѓу најдобрите светски креативи, постигна уште еден меѓународен успех!
На 6 декември беа објавени победниците на наградите The Drum Out of Home Awards. Станува збор за глобален натпревар за надворешно огласување организиран од страна на водечкиот светски магазин специјализиран за маркетинг и медиумската индустрија, The Drum. Дигиталната надворешна реклама “Brigometar” на Croatia osiguranje, агенциите Bruketa&Žinić&Grey и Go2Digital, победи во две категории – „Најефективна употреба на податоци“ и „Интерактивни надворешни реклами“, во кои се најде меѓу силна конкуренција од Meta, Subway и телекомуникациската компанија Sky.
За потсетување, “Brigometar” претставува интерактивна надворешна реклама која ја мери загриженоста на минувачите со помош на вештачка интелигенција. Целта на “Brigometar” беше да ја подигне свеста за важноста од грижата за менталното здравје поради растот на проблемите поврзани со него, и тоа како резултат на пандемијата и земјотресите во Хрватска. Случајните минувачи би застанале пред рекламата и би дале согласност чекајќи пет секунди, по што започнува скенирање на лицето, а „најзагрижените“ меѓу нив добиваа бесплатен превентивен здравствен преглед во поликлиниката „Croatia“ во Загреб.
За кампањата “Brigometar” ова е 13-та награда годинава. На натпреварот MIXX Awards Europe беше прогласена за најдобра дигитална надворешна реклама во Европа (закитувајќи се со злато и сребро во две категории), на натпреварот Cannes Lions беше финалист на категоријата Creative Data, а минатиот месец беше наградена со злато на престижниот њујоршки издавач Graphis. “Brigometar” се најде и во финалето на натпреварот Cresta, кој се смета за глобално мерило за креативните стандарди, како и во финалето на натпреварот Epica, чие жири го сочинуваат професионални новинари кои ја следат индустријата.
Повеќе од 300 медиуми ширум светот известија за кампањата, вклучувајќи ги Insider, Associated Press, CBS, Market Watch и организации како Merrill – a Bank of America Company и Washington Psychiatric Society. Угледниот професионален магазин Contagious ја вклучи меѓу најдобрите светски креативи.