Персонализираните тродимензионални аватари стануваа сé повеќе популарни во последните неколку години, забележувајќи значителен успех со воведувањето на Bitmoji на Snapchat и Memoji на Apple. Сега, кон тој тренд се приклучува и платформата за допишување WhatsApp на Meta.
Создавањето на сопствен аватар ќе биде достапно преку делот Settings на апликација, при што корисниците ќе имаат можност да избираат различни фризури, облека, бои на кожа и карактеристики на лицето на својот аватар.
Откако корисникот ќе го прилагоди својот аватар според сопствените преференци, ќе може да го користи како „стикер“ во допишувањето, и тоа во 36 различни пози, но и како слика на профилот.
Од WhatsApp велат дека со текот на времето ќе воведуват повеќе опции за стилизирање, фризури, осветлување и засенчување на аватарите.