Следејќи ги стапките на своите конкуренти, компанијата Disney официјално лансираше ново корисничко ниво поддржано со реклами на стриминг платформата Disney+.
Претплатата за ова основни корисничко ниво ќе изнесува 7,99 американски долари месечно, додека пак нивото без реклами ќе изнесува 10,99 долари месечно. Поевтиното ниво во моментот не дозволува преземање епизоди или пристап кон GroupWatch и Dolby Atmos.
За споредба, корисничкото ниво со реклами на Netflix чини 6,99 долари месечно, а претплатата кон HBO Max со реклами изнесува 9,99 долари месечно.
Оние кои сакаат да имаат пристап кон трите стриминг платформи на Disney заедно, односно кон Disney+, Hulu и ESPN+, ќе мора да издвојуваат 12,99 долари месечно за нивото со реклами, односно 19,99 долари месечно за нивото без реклами.
Disney открива дека над 100 огласувачи веќе се пријавиле за реклами на Disney+, опфаќајќи десетина различни категории како што се малопродажба, автомобили и други. На тој начин, од компанијата сметаат дека платформата ќе нуди „обем и разновидност“ – за рекламите премногу да не се повторуваат и да станат досадни за гледачите.
„Со овие нови понуди поддржани од реклами, можеме да обезбедиме поголема флексибилност за потрошувачите да уживаат во целосната широчина и длабочина на неверојатното раскажување приказни од компанијата Walt Disney“ – посочи Мајкл Пол, претседател на одделот за “Direct to Consumer” при Disney+.