Холандската државна лотарија ја лансираше својата нова Божиќна кампања во која се раскажува емотивна приказна за татко и син кои заедно тргнуваат на прекрасно патување.
Рекламата отпочнува со сцена во која еден маж го посетува својот постар татко за да го убеди да го повторат нивното омилено патување од минатото, враќајќи се во снежната Лапонија. Притоа, синот му кажува дека сето тоа е возможно благодарение на неговото новостекнато богатство, кое го освоил играјќи лото.
Она што следува е идилично патешествие низ снежната земја, исполнето со многу емоции, смеа, забава, воодушевување, љубов, па и по некоја комична смрзнувачка ситуација.
Меѓутоа, кога се враќаат во Холандија, дознаваме дека синот всушност никогаш не ја освоил лотаријата, туку едноставно сакал да го направи неговиот татко среќен – без разлика на цената.
Тогаш, на крајот од спотот се појавува слоганот “Don’t wait for luck to happen” („Не чекајте ја среќата да се случи тукутака“), поттикнувајќи ги гледачите да ја земат судбината во свои раце, да го живеат животот и да не чекаат работите да се случуваат сами од себе.
Кампањата е создадена со помош на креативната агенција TBWA\Neboko и продукциската куќа Pink Rabbit, поддржани од медиската агенција Mindshare.Greenhouse, дигиталната агенција Hammerfest и агенцијата за односи со јавноста NewsLab.