Антоан Арно е официјално назначен за нов генерален извршен директор на францускиот бренд за луксузна мода Christian Dior SE, преземајќи ја таа функција од веќе стариот Сидни Толедано кој оваа година наполни 71 година.
Антоан е всушност најстариот син на милјардерот Бернард Арно, кој неодамна се искачи на првото место на најбогати луѓе во светот, а инаку е соспственик на холдинг-компанијата на луксузни брендови LVMH – под чија капа се наоѓа и Dior.
Претходно, 45-годишниот Антоан Арно беше генерален директор на брендот за кожни обувки Berluti и претседател на италијанскиот моден бренд Loro Piana. Според сегашните информации, Антоан ќе ги задржи овие функции напоредно со неговата директорска функција во Christian Dior.
Засега нема знаци дека Бернард Арно наскоро би можел да се повлече од лидерската позиција на LVMH, но оваа промоција на неговиот најстар син секако може да биде индикатор за тоа во која насока би можела да се движи компанијата во годините што следуваат.