Телевизискиот канал за детски цртани филмови Cartoon Network лансираше нова кампања против врсничкото насилство меѓу децата, насловена “Be A Buddy, Not A Bully” („Биди пријател, а не насилник“).
Кампањата се состои од два видео-спотови кои прикажуваат два различни случаи на врсничко насилство. Во првиот спот се запознаваме со случајот на Ема која сé уште ја крие својата прекрасна насмевка поради исмевањето од своите врсници кога била дете, само поради тоа што тогаш носела протези.
Во вториот случај се запознаваме со Џек кој сé уште ги избегнува луѓето и живее осаменички поради траумата на вербално и физичко насилство од оние кои ги сметал за другари кога бил дете.
Кампањата покажува дека вербалното и физичкото насилство меѓу врсниците остава длабоки емоционални траги кои можат да продолжат да влијаат врз менталното здравје на луѓето многу години по нивното случување, односно низ текот на целиот човечки живот. Притоа, начинот на кој се однесуваме кон другите луѓе претставува избор: да бидеме пријатели, или насилници.
Кампањата е создадена со помош на креативната агенција Axeer Studio, а се емитува во Египет, Саудиска Арабија и Велика Британија.