Технолошките гиганти Meta и Alphabet ја загубија својата доминација над пазарот за дигитално рекламирање во САД, со кој инаку владеат со години, бидејќи „дуополот“ е загрозен од брзорастечката конкуренција од ривалите Amazon, TikTok, Microsoft и Apple – пренесува Financial Times.
Цитирајќи истражување на Insider Intelligence, од Financial Times посочуваат дека уделот во приходите од дигитално огласување во САД што го поседуваат Meta и Alphabet се предвидува да падне за 2,5% на 48,4% оваа година. Тоа значи дека за прв пат од 2014 година, двете компании нема да имаат здружен мнозински удел на пазарот.
Ова ќе го претставува петтиот последователен годишен пад за „дуополот“, чиј удел на американскиот пазарот падна од максималните 54,7% во 2017 година, а се предвидува да се намали на 43,9% до 2024 година. Во светот, уделот на Meta и Alphabet оваа година се намали за 1% на 49,5%.
Американскиот пазар за дигитално огласување изнесува 300 милијарди долари, а технолошките компании се борат посилно од кога било за поголем „дел од колачот“, иако голем дел од компаниите ширум светот ги намалуваат буџетите за огласување како одговор на зголемените каматни стапки и високата инфлација.
Анализата на Insider Intelligence прогнозира дека растот на приходите од огласување на Google и Meta во САД во 2023 година ќе изнесува само 3%, односно и 5%, соодветно. За разлика од нив најмалку осум директни конкуренти ќе доживеат двоцифрен раст.
Се проценува дека огласувачките приходи на Amazon ќе се зголемат за 19%, на Apple за 26%, на Spotify за 30%, на TikTok за 36% и на Walmart за 42%. Сепак, треба да се има предвид дека повеќето од апсолутните пазарни удели на овие компании во моментов се релативно мали.