Рекламите на Фејсбук и Инстаграм можеби повеќе нема да се таргетираат толку лесно и прецизно како досега за корисниците во Европската Унија, бидејќи неодамнешна правна одлука му забранува на матичната компанија Мета да користи лични податоци за огласувачки цели.
Новата правна одлука, која истовремно резултираше со парична казна од 390 милиони евра, евентуално би можела да доведе до тоа корисниците да треба екплицитно да се согласат за технолошкиот гигант да може да ги користи нивните податоци за таргетирани реклами на своите платформи.
Според Гардијан, регулаторите го отфрлиле аргументот на Мета дека корисниците се согласуваат да дозволат нивните лични податоци да се користат за таргетирано огласување кога ќе склучат „договор“ преку прифаќање на условите за користење кои им се прикажуваат при регистрирањето на нивните кориснички профили.
Првично, Комисија за заштита на податоците на Ирска, која има регулаторна моќ над европското седиште на Мета во Даблин, се согласи дека „договорот за условите за користење“ не ја прекршува Општата регулатива за заштита на податоците на ЕУ (GDPR). Меѓутоа, комисијата потоа ја смени својата одлука со цел да се придржува до препораките на Европскиот одбор за заштита на податоците, кој ги претставува сите регулатори за приватност во Унијата.
Оваа легислатива може да зададе огромен удар за тоа како работи компанијата, бидејќи нејзиниот бизнис модел во голема мера се потпира на обезбедување мрежи на кои огласувачите можат да ги таргетираат корисниците врз основа на нивната специфична локација, хоби или однесување.
На корисниците сега ќе треба да им се даде опција за „да“ или „не“ и ќе мора да им се дозволи да го променат мислењето во секое време.
Во извештајот се забележува дека Мета има три месеци да се усогласи со најновата легислатива, иако компанијата оттогаш соопшти дека ќе поднесе жалба во однос на одлуката за која сметаат дека е „неточна“.