Американскито дневен весник The Wall Street Journal дошол до имејлови во кои Твитер на разни брендови им нудел бесплатен огласувачки простор во надеж да ги врати на платформата.
Компанијата се соочува со значителен пад во приходите откако платформата беше купена од Елон Маск и беа воведени низа промени во нејзините кориснички политики.
Се шпекулира дека Твитер засилено работи на тоа да ја врати довербата на бредовите во пресрет на одигрувањето на Супер Боул, кога огласувачите се особено дарежливи со своите буџети и поактивни на социјалните мрежи.
Во ноември се појавиле извештаи според кои педесет од водечките огласувачи на Твитер, вклучувајќи ги Apple, Pfizer, General Mills и Audi, ги прекинале промотивните активности на платформата. Во периодот од 2020 до 2022 година, овие компании потрошиле скоро 2 милијарди американски долари за огласување на Твитер, при што над 750 милиони долари биле потрошени само во 2022 година.
Сега, според WSJ, Твитер почнал бесплатно да им нуди на бредновите дополнителен, односно субвенциониран огласувачки простор во вредност од 250.000 долари, доколку тие одлучат да објавуваат реклами во минимална вредност од 500.000 долари до крајот на февруари.
Претходно, компанијата понудила и бесплатен огласувачки простор во вреднот од 500.000 долари, доколку брендовите одлучеле да издвојат најмалку половина милион долари за таа цел. Сепак, се чини дека оваа првична понуда и не наишла на голем одзив меѓу огласувачите, па платформата решила да ја спушти цената.
Твитер ги гледа овие субвенции како неопходен чекор, бидејќи огласувањето го сочинувал најголемиот удел во неговите приходи од 5,1 милијарди американски долари во 2021 година.