Сингапурскиот бренд на пиво Tiger Beer, инаку во сопственост на Heineken, ја лансираше својата нова кампања „A Bolder Tomorrow“ („Похрабро утре“) во пресрет на Лунарната Нова Година на 22 јануари.
Кампањата за Tiger Beer ја следи пораката на својата матична компанија, поттикнувајќи ги сите успешни луѓе да не мислат само на утре, на следниот голем успех, на она што треба да биде… туку малку и да застанат, да ја „впијат“ сегашноста и да уживаат во моментот.
„Утре. Ние сакаме да трчаме по утре. Но, колку повеќе постигнуваме, толку се очекува од нас да стигнеме подалеку. Подалеку од нашата работа од соништата, од вистинската страст, од големата победа. Но, размислете малку: зошто да трчаме по утре, ако никогаш не ја имаме можност да уживаме денес? Затоа, ајде да застанеме. А, оваа Нова Година, славете го заедно успехот што нé доведе тука денес. Тоа е првиот чекор за похрабро утре!“ – се посочува во рекламата.
Како дел од кампањата бил организиран и перформанс во раздвижениот меѓународен кварт Tanjong Pagar во Сингапур, каде луѓе облечени како бизмисмени и бизнисжени, навидум брзајќи, наеднаш застанале во место, „замрзнати во времето“, на големо изненадување на случајните минувачи.
Кампањата е создадена со помош на креативната агенција Le Pub APAC и продукциското студио AliceFilmes.