Технолошката компанија Мета објави дека воведува нова функција за Инстаграм наречена “Quiet Mode” („Тивок режим“), која има за цел да им помогне на корисниците да ги исклучат нотификациите кои им го одвлекуваат вниманието за подобро да се фокусираат кога се обидуваат да бидат продуктивни.
Доколку сте на работа, учите или едноставно ви треба пауза од социјалните мрежи, само овозможете ја опцијата за паузирање на сите известувања. Следбениците кои го посетуваат вашиот профил ќе видат дека сте во „тивок режим“ и за сите директни пораки ќе добијат автоматски одговор кој ќе им го каже тоа.
За оние кои се загрижени дека би можеле да изгубат евиденција за она што се случува на интернет, Инстаграм ќе им понуди резиме на известувањата што се појавиле во меѓувреме, штом тивкиот режим ќе биде исклучен.
Од популарната платформа појасуваат дека новата алатка е лансирана за „да им помогне на луѓето да се фокусираат и да ги охрабри луѓето да поставуваат здрави граници со своите пријатели и следбеници“. Таа е особено наменета за тинејџерите, кои во истражување посочиле дека би сакале повеќе време за себе во училиште и ноќе.
Функцијата е достапна уште веднаш за сите корисници во САД, Обединетото Кралство, Ирска, Канада, Австралија и Нов Зеланд. Алатката постепено ќе биде лансирана и во други земји. Тинејџерите ќе добиваат специјално известување да ја вклучат кога ќе поминат одредено време на платформата доцна во ноќта.
Инстаграм исто така објави ажурирања кои ќе им овозможат на корисниците поголема контрола врз содржините што се појавуваат во нивните feed-ови. Имено, корисниците ќе може да изберет да сокријат повеќе содржини во делот Explore со само еден клик. Притоа, корисниците ќе можат да сокријат објави кои содржат специфични карактери – било да е тоа збор, низа на зборови, емотикони или хаштагови.