Туристичкото биро на пацифичкиот остров Фиџи лансираше нова глобална кампања насловена “Where happiness comes naturally” („Каде што среќата доаѓа природно“).
Наместо да се фокусира на вообичаените слики на пиење коктели на плажа, со кои вообичаено ги асоцираме тропските острови, кампањата го поместува фокусот од туристите и го насочува кон локалците – презентирајќи ја нивната култура и автентичните човечки искуства на островот.
„Нашата бренд платформа базирана на среќата ги привлекува луѓето од целиот свет. Отсекогаш сме ја раскажувале приказната за Фиџи од перспектива на посетителите, но сакавме да го превртиме тоа и да покажеме дека изворот на среќата што го носи одморот на Фиџи е всушност самата култура на Фиџи“ – посочува Ема Кембел, генерална маркетинг директорка во туристичкото биро на Фиџи.
Позиционирањето на кампањата се приклонува кон новите потрошувачки трендови за туристички искуства насочени кои создавање значајни врски со културата на локалните заедници. Имено, една неодамнешна студија на Booking.com открила дека 66% од патниците сакаат автентични искуства репрезентативни на локалната култура.
За сличен пристап неодамна се одлучиле и туристичките бироа на Нов Зеланд и Австралија, кои со своите нови маркетинг кампањи се трудат да ги промовираат автентичните културни искуства на двете нации.
Новата туристичка кампања за Фиџи се реализира со помош на агенциите Host/Havas и Havas Media.