Социјалната мрежа Snapchat ја лансираше својата нова кампања насловена “Wait’ll you see this” („Чекај да го видиш ова“) која има за цел да им покаже на гледачите како технологијата на проширена реалност (AR) може да им внесе магија во монотонијата на секојдневниот живот.
Имено, платформата Snapchat им овозможува на своите корисници да избираат од широка палета на дигитални „леќи“ т.е. филтри базирани на проширена реалност и така да се претвораат себе и своите пријатели во кучиња или други животни и форми, или пак да пробуваат виртуелни парчиња облека од модните брендови кои ги сакаат.
Всушност, Snapchat покажува како нивната технологија може да ја менува реалноста во реално време и колку сето тоа може да биде забавно – за корисниците и за брендовите.
Заедно со кампањата, платформата лансира и 10 нови забавни филтри на проширена реалност, кои можат да се „отклучат“ со скенирање на самата реклама преку камерата на Snapchat.
Кампањата е создадена од внатрешниот креативен тим на компанијата, потпомогнат од продукциските студија Biscuit Filmworks и Unit+Sofa.