Брендот на пченкарни грицки PopCorners, дел од Frito-Lay, лансираше нова реклама во пресрет на американскиот Super Bowl, насловена “Breaking Good”, во која го гледаме враќањето на ликовите Волтер Вајт и Џеси Пинкман од популарната филмска серија “Breaking Bad”.
Дејството на рекламата отпочнува во препознатливото камп-возило каде актерот Арон Пол, во улогата на Џеси Пинкман, го изразува своето огромно задоволство од квалитетот на новиот производ создаден по формула на хемичарот Волтер Вајт, толкуван од страна на Брајан Кренстон. Свесен за зависноста која производот може да ја предизвика, строгиот Волтер Вајт го предупредува Пинкман да не претера со консумација.
Во вториот дел на рекламата, пак, ги гледаме двајцата како го договараат „дилањето“ на својот нов производ, кој доаѓа во седум различни вкусови, со тензичниот гангстер Туко Саламанка (толкуван од страна на актерот Рејмонд Круз). Целата интеракција нè враќа назад во 2008 година кога за прв пат се запознавме со овие ликови.
Всушност, брендот се погрижи толку темелно да го долови оригиналното чувство на серијата, што дури го ангажираше креаторот, главниот сценарист, продуцент и режисер на “Breaking Bad”, Винс Гилиган, за да ја постави креативната насока и да ја режира рекламата.
„Желбата на PopCorners да создаде вистинско продолжување на франшизата и кампања која навистина ќе ги возбуди обожавателите на “Breaking Bad” е она што нè врати за оваа реклама за Super Bowl. Волт веднаш би бил привлечен кон основните состојки на PopCorners, па “Breaking Good” имаше совршена смисла како алтернативна приказна што ќе беше многу подобра за него и Џеси“ – изјави главната ѕвезда Брајан Кренстон по повод кампањата.