Брендот на чипс Doritos ја лансираше својата нова реклама во пресрет на најпопуларниот спортски настан на американскиот пазар – Super Bowl.
Хумористичната реклама отпочнува со сцена во која американскиот рапер Џек Харлоу е незадоволен од насоката во која се движи неговата музичка кариера и инспириран од триаголната форма на чипсот, решава да се посвети на необичниот музички инструмент триангл.
На големо изненадување на сите околу него, Џек успева целосно да го револуционеризира овој инструмент и да се вивне во музичките височини. Наскоро, сè во светот почнува да го одразува знакот на триаголникот.
Кога доаѓа време за доделување на наградата „Најдобар музичар на триангл за годината“, Џек Харлоу е сосем убеден дека тоа ќе биде токму тој – додека на сцената не се појави легендарниот Елтон Џон со џиновски триангл кој го заменува неговиот препознатлив клавир!
Рекламата е создадена со помош на креативната агенција Goodby Silverstein & Partners и продукциската куќа Hungry Man. Медискиот закуп за кампањата го реализира агенцијата OMD.