Софтверската компанија Runway претстави нов систем базиран на вештачка интелигенција, именуван како GEN-1, кој може да трансформира постоечки видеа во нови преку примена на кој било стил наведен во текстуален опис или со посочување кон референтна слика.
Генераторот е создаден со помош на истражувачи од Универзитетот во Минхин, како и компанијата Stability AI која стои позади генераторот на слики од текст, Stable Diffusion.
Во демонстративно видео објавено на својата веб-страница, Runway покажува како нивниот софтвер може да претвори видео од луѓе кои одат по улица во видео со глинени кукли или книги наредени на маса во градски ноќен пејзаж.
Од Runway објаснуваат дека Gen-1 може да ги третира видеата со помош на пет уникатни алатки и тоа: “Stylization” – со која се менува естетиката на видеото во некој претпочитан стил; “Storyboard” – со помош на што можете да генерирате стилизирани рендери од обични предмети; “Mask” – со која се заменуваат делови на видеото; “Render” – со која рендерите без текстура се „довршуваат“ со помош на вештачка интелигенција; и “Customization” – за дополнително уредување видеата.
Gen-1 во моментов е достапен само со покана, но сепак може да се приклучите на листа на чекање за да добиете пристап до алатката кога таа ќе биде лансирана за јавноста во следните неколку недели.
Најавата на Gen-1 доаѓа непосредно по претставувањето на слична алатка од Google, насловена Dreamix, со која може да се создаваат видеа само преку едноставен инпут на текст, слика или кратко видео. Меѓутоа, алатката Dreamix во моментов е затворена за јавноста.