Социјалната платформа Твитер соопшти дека корисниците кои се претплатени кон услугата Twitter Blue отсега ќе можат да пишуваат објави до 4000 карактери, вклучително и во коментарите и при цитирањето на некоја објава, наспроти досегашното ограничување од 280 карактери за сите корисници на платформата.
Компанијата исто така навести дека претплатниците на Twitter Blue наскоро ќе гледаат и помала фреквенција на реклами во нивните „времеплови“.
Ажурирањата ќе бидат достапни само за претплатниците на Twitter Blue, односно оние кои издвојуваат од 8 до 11 долари месечно за да добијат сина ознака за „верификуваност“. Овие претплатници исто така имаат можност да ги уредуваат своите објава, а добиваат и алгоритамски преференции во прикажувањето на нивните објави пред другите корисници.
Како и со сите останати измени кои се случија на Твитер по преземањето на компанијата од страна на Елон Маск, во рамки на интернет јавноста е забележлива голема подвоеност во однос на тоа како се восприемаат овие новитети – така што едни го фалат, а други го кудат. Со оглед на тоа што и двете гласни страни споделуваат одредена политичка обременетост, само времето и реалните кориснички практики во периодот што претстои ќе покажат дали одлуките биле исправни или не.