По трагичната смрт на Вирџил Аблох во ноември 2021 година, фанцускиот бренд за луксузна мода Louis Vuitton беше во потрага по наследник кој ќе ги пополни чевлите на големиот визионер. После долга потрага, брендот конечно го објави името на Ферел Вилијамс како нов креативен директор за машката колекција.
Ферел Вилијамс е американски рапер, музички продуцент и дизајнер, кој започнал да се занимава со музика уште од рана возраст. Во својата богата музичка кариера тој има создадено повеќе број еден хитови на врвот од музичките топ-листи, а за тоа има освоено и 13 Греми награди.
За прв пат во светот на високата мода влегува како со-основач на брендот за улична облека Billionaire Boys Club во 2003 година, заедно со дизајнерот Nigo. Тој исто така е ко-сопственик на брендот G-Star Raw Denim и често соработува со компании како Moncler, Adidas и Tiffany & Co. Помеѓу 2004 и 2008 година, тој исто така соработувал со Louis Vuitton.
Во соопштението од Louis Vuitton по повод неговото назначување, Вилијамс е опишан како: „визионер чии креативни универзуми се протегаат од музика до уметност и до мода, етаблирајќи се како глобална културна икона во изминатите дваесет години“. Брендот смета дека начинот на кој Ферел Вилијамс ги руши границите низ различните сфери што ги истражува, се совпаѓа со нивниот компаниски имиџ и дополнително ги зајакнува нивните вредности на иновативност, пионерски дух и претприемништво.
Неговата прва колекција за Louis Vuitton ќе биде претставена следниот јуни за време на машката модна недела во Париз.