Социјалната мрежа Инстаграм го објави воведувањето на функцијата “Broadcast Channels” („Канали за емитување“) преку својата платформа Messenger, со помош на кои креаторите на содржини и глобалните брендови ќе можат поинтимно да допрат до своите обожаватели и да ги држат во тек со најновите објави.
Слично на функцијата во апликацијата за пораки Телеграм, овие канали се претставуваат како неформален и брз начин за поврзување со следбениците, со можност за објавување текст, слики, видеа и гласовни пораки, а сé со цел испраќање ексклузивни содржини или пак за собирање вистински повратни информации од фановите во реално време.
За разлика од типичен групен разговор, оваа функција за „емитување“ гарантира дека следбениците нема да ги преплавуваат креаторите или бизнисите со пораки и ќе бидат ограничени само на одговарање преку анкети и реакции.
Извршниот директор на матичната компанија Мета, Марк Закерберг, беше првиот што ја тестираше новата функција, создавајќи „Мета канал“ за ажурирање на следбениците за претстојните проекти на кои работи компанијата. Во иднина, Инстаграм планира да ја прошири функцијата со канали за соработка, па дури и сегмент за прашања и одговори.
Во моментов, алатката сé уште не е достапна за сите корисници, туку за ограничен избор на креатори од САД кои што треба да ја тестираат нејзината функционалност. Откатко алатката ќе биде лансирана глобално, секој креатор на содржини ќе може да започне канал директно од нивното „сандаче за пораки“ во рамки на Инстаграм. Следбениците ќе добијат известување да се приклучат на нивниот канал откако ќе биде објавена првата порака.