За ирскиот бренд на виски Jameson, денот на патрониот светец Св. Патрик (17 март) е најважниот празник во годината. Со оглед пак на тоа што празникот оваа година се паѓа во петок, Jameson повикува на уште поголеми прослави, па дури ако треба и да „ескивирате“ од работа. Но, како да го изведете тоа без да дознае вашиот работодавец?
Одговорот на Jameson е: картонски исечок од вашата личност во природна големина. Со цел да го демонстрира својот план, брендот ја ангажираше актерката Регина Хал која го користи сопствениот исечок за да ја заменува во канцеларија, на фото-сесија, па дури и на некоја роденденска забава. Притоа, вистинската Регина, целосно облечена во зелено, се упатува кон најблискиот бар да го слави празникот!
Демонстрирајќи ја „успешноста“ на оваа „финта“ со спотот, Jameson оди еден чекор понатаму и на фановите им нуди изработка на нивен персонализиран исечок од картон кој ќе можат да го користат за „прелажување“ на работодавецот. Цената на исечокот е 17,80 долари (алудирајќи на годината на основање на брендот), а крајниот датум за нарачки е 10 март – со цел навремено да бидат доставени сите исечоци во пресрет на Денот на Св. Патрик.
Сите средства собрани од продажбата на овие исечоци ќе бидат донирани на непрофитната организација „Фонд на заедницата на ресторански работници“, на што брендот ќе додаде уште дополнителни 25,000 долари.