Генералната извршна директорка на YouTube, Сузан Војчицки, соопшти дека се повлекува од функцијата по девет години поминати на лидерската позиција.
Во официјално писмо до вработените на компанијата, Војчицки рече дека се одлучила да започне ново поглавје во животот, фокусирајќи се на семејството, здравјето и личните проекти за кои е страствена.
Нејзин наследник ќе биде Нил Мохан, досегашен генерален директор за производи во YouTube.
Војчицки ќе остане да работи во компанијата уште некое време со цел „да го поддржи Нил и да помогне во транзицијата“. Таа исто така ја искористи можноста да го пофали својот наследник за развојот и лансирањето на продуктите YouTube TV, YouTube Music, Premium и Shorts.
На покана на Сундар Пичаи, извршниот директор на матичната компанија Alphabet, Војчицки потврди дека „ќе преземе советодавна улога во Google и Alphabet“.
„Ова ќе ми овозможи да се потпрам на моите различни искуства низ годините за да понудам совети и насоки за Google и портфолиото на компании на Alphabet“, додаде таа.