Следејќи го примерот на Твитер, технолошкиот гигант Мета воведува претплатничка програма со која корисниците и бизнисите на Фејсбук и Инстаграм ќе можат да ги верификуваат своите профили со сина ознака.
Таканаречената програма Meta Verified првично ќе биде лансирана на пазарите во Австралија и Нов Зеланд, пред да се прошири и на другите светски пазари до крајот на годината. Месечната претплата ќе чини 19,99 австралиски долари или 23.99 новозеландски долари платени директно преку веб (околу 800 денари), односно 24.99 австралиски долари или 29.99 новозеландски долари преку мобилните системи на iOS и Android (околу 1000 денари).
Според извршниот директор на компанијата, Марк Зукерберг, ваквиот потег има за цел „подигнување на автентичноста и безбедноста“. Имено, со верификацијата, корисниците ќе добиваат дополнителна заштита од други профили кои би можеле лажно да се претставуваат во нивно име, како и директен пристап до корисничката поддршка на социјалните платформи.
„Долгорочно, сакаме да изградиме понуда за претплата што е вредна за сите, вклучувајќи ги креаторите, бизнисите и нашата заедница во целина. Како дел од оваа визија, го еволуираме значењето на верификационата ознака за да можеме да го прошириме пристапот до верификација и така повеќе луѓе ќе можат да имаат доверба дека профилите со кои комуницираат се автентични“ – се наведува во соопштението на Мета.