Најголемите брендови во светот активно размислуваат како да ја интегрираат вештачката интелигенција во своите деловни операции, а The Coca-Cola Company веќе го направи првиот чекор. Гигантот за пијалаци стана првата компанија која склучи партнерство со компанијата за консултантски услуги Bain & Company и технолошката компанија OpenAI за да започне со активна примена на вештачката интелигенција во своето работење.
Според објавеното соопштение, консултантите од Bain & Company ќе ги комбинираат своите вештини за дигитална имплементација и стратегиско искуство со алатките и платформите за вештачка интелигенција на OpenAI, вклучувајќи ги ChatGPT, DALL-E и Codex, за да им помогнат на своите клиенти ширум светот да ја применат вредноста на вештачката интелигенција и така да го оптимизираат својот деловен потенцијал.
„Вештачката интелигенција достигна точка на пресврт и предвидуваме огромен бран на промени и иновации за нашите клиенти низ индустриите. Го гледаме ова како индустриска револуција и момент кога сите наши клиенти ќе треба да ја преиспитаат својата бизнис архитектура и да се прилагодат. Со соработката со OpenAI, ние сме среќни што имаме неспоредлив пристап до најсовремените основни модели на вештачка интелигенција, за да можеме да создадеме приспособени дигитални решенија за нашите клиенти и да им помогнеме да ја реализираат деловната вредност“ – објаснува Мени Македа, глобален управен партнер во Bain & Company.
Во однос на огласувањето и маркетингот, креативните оддели на компаниите ќе добијат поттик од генератори на слики и чет-ботови, кои можат да помогнат во развојот на „високо персонализирани“ пораки и слики кои специфично таргетираат различни групи на потрошувачи.
„Возбудени сме што ќе ја ослободиме следната генерација на креативност понудена од оваа технологија која брзо се развива. Гледаме можности за подобрување на нашиот маркетинг преку врвна вештачка интелигенција, заедно со истражување на различни начини за подобрување на нашите деловни операции и способности“ – истакнува Џејмс Квинси, претседател и извршен директор на The Coca-Cola Company.