Францускиот производител на автомобили Renault неодамна лансираше нова кампања со цел промоција на своите електрични модели, насловена „Запомнете колку ги сакавте електричните автомобили“.
Новата кампања на Renault прави интересен спој на носталгијата со модерноста, илустрирајќи паралела помеѓу минијатурните електрични количиња од детството и современите електрични автомобили за возрасни. Притоа, рекламата ја испраќа пораката дека возењето на електричен автомобил е исто толку забавно како управувањето со електрични количиња низ некоја возбудлива стаза кога сте биле дете.
Вредно за истакнување и пофалба е вештата имплементација на идејата со извонредна игра и примена на специјални ефекти, така што не секогаш сте сигурни дали се работи за автомобил во природна големина или минјатурно количе управувано по стаза.
Кампањата е создадена со помош на креативната агенција Publicis Conseil и продукциското студио Iconoclast.