Технолошкиот гигант Google соопшти дека почнува со овозможување поширок јавен пристап до својот четбот базиран на вештачка интелигенција, Bard.
Лансирањето на Bard беше најавено уште во февруари, но тогаш само за ограничена група на тестери. Сега, Google ќе им овозможи пристап до четботот на корисниците од Соединетите Американски Држави и Обединетото Кралство, со најава за проширување во нови држави и на други јазици во претстојниот период.
Според компанијата, Bard ќе може да се користи за зголемување на продуктивноста, за забрзување на идеите и за поттикнување на љубопитноста. На пример, корисниците ќе можат да побараат од четботот да им понуди совети за тоа како да читаат повеќе книги во текот на годината, да им даде објаснување за сложени концепти од квантната физика преку едноставни термини, па дури и да им напише блог пост.
Служејќи како дополнителна функција на пребарувачот Google Search, четботот ќе им овозможи на корисниците лесно да се префрлаат помеѓу неговите одговори и Пребарувачот со цел проверка на тие одговори преку прелистување на веб-локации на интернет. Корисниците ќе можат едноставно да кликнат на „Google It“ за да разгледаат повеќе предлози за пребарувачки прашања, со чие кликнување ќе се отвори прозорец со релевантните резултати во ново „јазиче“ на интернет прелистувачот.
Од Google се прилично внимателни кога станува збор за давање ветувања во однос на можностите на Bard, забележувајќи дека алатката може „да даде неточни, погрешни или лажни информации, иако ги презентира самоуверено“.
Компанијата нагласува дека Bard сè уште се наоѓа во фаза на „експеримент“ и дека корисниците треба да го користат во комбинација со Google Search за да ги проверат одговорите во кои што се сомневаат. Од Google се надеваат дека со доволно повратни информации, технологијата ќе стане попрецизна со текот на времето.
Кон четботот Bard може да се пристапи преку следниот линк.