Денеска на М365 имаме задоволство да го интервјуираме Г-дин Драшко Рогановиќ, извршен директор во една од најголемите BTL агенциски мрежи во регионот – MPG Solutions, долгогодишен прв човек во MPG Белград и од почетокот на годинава, нов раководител на тимот на MPG Скопје. Македонската маркетинг јавност добро го познава и по неговата долгогодишна кариера како прв човек на Идеа Плус Скопје во периодот 1996-2007 год. Повеќе за агенцијата која ја предводи, за неговите погледи во развојот на маркетинг индустријата и посебно BTL сегментот, во интервјуто во продолжение.
M365:Кој е Драшко Рогановиќ приватно и деловно ?
Драшко Рогановиќ: Неодамна излезе книга од Иван Токин, колумнист што многу го сакам, која се вика “Најнормалниот човек во светот”. Штом го слушнав насловот помислив дека јас така се чувствувам и приватно и деловно. Тоа дека некои работи се и приватни и деловни е нешто што ме следи од кога почнав да работам и тука и Скопје има своја значителна улога. Моето деловно созревање, усовршување, првите успеси и исклучителни пријателства се поврзани со ИДЕА Плус Скопје и десетгодишна соработка со Иво Лауренчиќ кој постојано веруваше во мене и од кого многу научив. Заедно со другите колеги се дружевме колку и што работевме и тоа е исклучително значаен дел од мојот живот. На чело на МПГ Белград сум од 2007. година, но бев присутен и во Скопје, ги следев случувањата и одржував пријателства. Функцијата на директор на МПГ Скопје ја превземав кон крајот на минатата година и се надевам дека можам да дадам придонес и во нејзиниот развој во периодот што претстои.
M365: MPG е една од најголемите BTL агенции во регионот, присутна со своја канцеларија и во Скопје. Кои се услуги ги нудите на Вашите клиенти?
Драшко Рогановиќ: Тоа се воглавно услуги во три главни сегменти – активности за унапредување на продажбата, осмислување и организација на настани и дигитални комуникации. Она што ги спојува овие три вида на комуникации е директен контакт со луѓето на коишто им се обраќаме. Во се што работиме сакаме да влијаеме така што создаваме незаборавни искуства. Посегментирано тие активности би биле промотивни активности на продажни места, лојалти програми, мистери шопинг, конципирање и реализација на наградни игри, осмислување и продукција на ПОС материјали, осмислување и организирање на јавни и деловни настани како и различни активности од областа на дигиталните комуникации. Ние силно веруваме во моќта на непосредна комуникација, во трајно влијание на непосредните искуства, во животот.
M365:Кои се главните бенефити за компаниите и агенциите од соработката со MPG Solutions?
Драшко Рогановиќ: Тие бенефити се многу конкретни – конкретни податоци за остварена продажба, број на контакти, влијание кое е извршено низ комуникација и задоволство од таа комуникација, пренесени информации или создадени чувства, но и постојано ослушнување на потребите и мислењата на потрошувачите. На пример, при лансирање на нов производ нема подобар канал за неговото претставување од тоа на луѓето да им се пружи шанса да стапат во интеракција со него. Ние имаме големо искуство во осмислување и реализација на програми кои производите и услугите ги претставуваат на најдобар можен начин. Конкретни резултати со обезбедени и квалитет и квантитет, тоа е она што ние го овозможуваме.
M365: Кои се Вашите главни клиенти на регионално и локално ниво?
Драшко Рогановиќ: Проктер и Гембл, Кока-Кола, Нестле, Самсунг, Ситроен, Ред Бул, Вип Мобиле, Бимилк, Атлантик група, Колид… Постојат и некои големи клиенти кои не сакаат да се спомнуваат, но имаме значителна соработка во сите земји кадешто работиме. Секако на различни пазари имаме и различно портфолио на клиенти, меѓутоа искуствата, стандардите и главните принципи на делување се слични. Во Македонија сметаме дека постои потенцијал за зголемување на соработка и со постоечки и со нови клиенти и ќе се обидеме со резултати, креативност и врвен квалитет да докажеме дека секогаш постои начин да се остваруваат уште подобри резултати. Освен со директни клиенти, соработуваме и со други агенции и се надевам дека и тој сегмент ќе се зајакне и дека, доколку соработуваме, тоа на сите ќе ни биде од корист.
M365: Кој е Вашиот главен совет за бизнисите: Зошто тие би требало своите буџети за ATL активности да ги пренасочат во БТЛ активности ?
Драшко Рогановиќ: Дали повеќе на потрошувачот ќе влијае да проба ново, добро чоколадо или да гледа билборд со него? Или, колку долга треба да е реклама којашто ќе ги претстави функциите на најновиот телефон или тарифен пакет?
Да не зборуваме за тоа колку чини да бидеме сигурни дека потрошувачот воопшто ќе ја види или да се подготви и лансира медиумска кампања. Главната предност на БТЛ е што дава конкретни, мерливи резултати, директно влијае на продажбата и што не постои медиум кој може да го надмине живиот збор и живиот човек. Освен тоа БТЛ е поле на кое денес на најдобар начин може да се изрази креативност. Доколку го гледате присуството на брендовите на фејсбук ќе заклучите дека на луѓето им е далеку поинтересно да гледаат различни, всушност, БТЛ активности, од платени реклами колку и да се интересни. При тоа имиџот и свесноста се изградуваат на ненаметлив начин приспособен кон целната група. Понатака, не можете да снимите посебен спот за машки гледачи, а посебен за женски, а за некои посуптилни сегментации на целната група да не зборуваме. Во БТЛ тоа е возможно, а при тоа не чини дополнителни пари. Доволна е добро осмислена и приспособена комуникација.
На кратко – конкретни ефекти, флексибилност, креативност, брзина.
M365:Како го оценувате развојот на маркетинг индустријата во Македонија споредено со развојот во другите земји од регионот каде што функционира MPG Solutions?
Драшко Рогановиќ: Доколку зборуваме за квалитетот, креативноста и способноста на луѓето не гледам разлики. Главната разлика е во тоа што помала големина на пазар диктира поограничени буџети. Поради тоа за продукциски буџети во Македонија нема премногу простор бидејќи би биле преголеми во однос на медиумските. Доста интернационални компании се присутни преку дистрибутери, а интернационалните компании секогаш беа тие кои ги подигнуваа стандардите и вложуваа во маркетиншки комуникации повеќе од домашните. Би ми било многу мило да видам повекје домашни компании со квалитетни производи да го искористат својот потенцијал и обрнат поголемо внимание кон дизајнот на производи и амбалажа, но и во комуникација со потрошувачите. Постојат многу луѓе во Македонија што би можеле да им помогнат во тоа. Така ќе можат да опстојат на домашниот пазар, но и да се прошират на други пазари!