Брендот за безалкохолни пијалаци Coca-Cola неодамна ја лансираше новата кампања “Masterpiece”, во чиј главен рекламен спот ликовите од познати уметнички дела си играат „подавана“ со шише Кока-Кола пред да му го подарат на поспан студент по уметност.
Сега, како продолжение на оваа кампања, брендот постави тродимензионален дигитален билборд на аеродромот на бразилската метропола Сао Паоло, кој што на минувачите им дели бесплатни шишиња Кока-Кола.
Имено, на билбордот се појавува познатата „Девојка со бисерна обетка“ од истоименото ремек-дело на холандскиот сликар Јоханес Вермер, која што „зема“ шише Кока-Кола од другата страна на билбордот и откако ќе ги позадева случајните минувачи и ќе им го привлече вниманието – го „спушта“ шишето по една цевка.
Во усогласеност помеѓу дигиталното и физичкото – шишето продолжува да се движи по цевката која е навидум поврзана со вендинг машина поставена под билбордот, од која потоа „магично“ се појавува вистинско шише Кока-Кола кое што може слободно да си го земе кој било од минувачите.
Кампањата се реализира со помош на креативната агенција David Miami.