Онлајн платформата за графички дизајн Canva внесува малку магија во својот виртуелен работен простор со воведувањето на повеќе алатки базирани на вештачка интелигенција, а сѐ со цел да го олеснат работниот товар врз уметниците и дизајнерите.
Новите можности кои ги нуди платформата вклучуваат алатки за уредување слики и видеа, како и алатки за анимација, меѓу останатото.
На креативните агенции особено ќе им се види корисна алатката „Brand Hub“, кој им овозможува да создаваат и да им презентираат на своите клиенти организирани „брендинг китови“ опремени со логоа, шаблони, фонтови, бои и специфични упатства за дизајн.
Потоа следува „Magic Design“ – генератор кој го поедноставува процесот на графичкиот дизајн дозволувајќи му на корисникот да прикачи слика и да развива дизајнерски идеи базирани на таа слика. Секако, тука е и можноста за генерирање на слики врз основа на претходно внесен текстуален опис. Алатката вклучува и асистент за „копирајтинг“ со вештачка интелигенција кој може да генерира пишан текст на различни јазици и фонтови.
При уредувањето на слики особено корисна може да биде алатката „Magic Eraser“ која на корисниците им овозможува да отстранат некој ликовен елемент без притоа да биде избирашана и неговата позадина. Алатката „Magic Edit“, од друга страна, овозможува да допрете на некој ликовен елемент во дадена слика и да го замените со нешто сосема друго.
Во насока на создавање видеа, алатката „Beat Sync“ е тука да ви помогне да го усогласите ритамот на некое видео со избраната музика која треба да оди во позадина.
За оние на кои им е здодеано да составуваат слајдови за некоја презентација или пак им недостига време, алатката „Magic Presentation“ е тука да им помогне во неволја. Корисниците можат да напишат само неколку клучни зборови во врска со темата за која изработуваат презентација и алатката ќе го испорача тоа за само неколку минути.
Преку воведувањето на новите алатки на Canva, се чини дека дизајнот ќе биде нешто во кое ќе можат да земат учество многу повеќе луѓе. Во секој случај, сите кои користата вештачка интелигенција треба да бидат внимателни во однос на потенцијалните проблеми со авторски права, со оглед на сѐ уште општата нерегулираност на овој тип технологија.