Сопственикот на социјалната мрежа Твитер, Елон Маск, соопшти нови промени во функционирањето на платформата, кои што ќе почнат да се применуваат од 15 април.
Според најавите на Маск, само објавите на верификувани корисници кои се претплатени кон програмата Twitter Blue ќе им бидат препорачувани на сите останати корисници во секцијата за откривање нови содржини “For You” во рамки на платформата, односно апликацијата.
Исто така, само верификувани корисници ќе можат да гласаат на „анкети“ (polls) објавени на социјалната мрежа.
Во однос на причината за најавените промени, Маск истакна дека тие се „единствениот реален начин за справување со ројовите на ботови со напредна вештачка интелигенција. Во спротивно, тоа би било безнадежно изгубена битка“.
Во една претходната објава, Маск изјави дека самата платена верификација значително ги зголемува трошоците за користење на ботови и го олеснува нивното идентификување.
Минатата недела, компанијата исто така соопшти дека ќе го отстрани верификуваниот статус на некои профили кои опстојуваат на „стара слава“, а инаку датираат од времето пред Елон Маск да го купи Твитер.