Пивскиот бренд Beck’s, во сопственост на AB InBev, ги искористи алатките базирани на вештачка интелигенција ChatGPT и Midjourney за да создаде лимитирана серија на пиво, да ја дизајнира наменската маркетинг кампања и да подготви соодветен медиски план.
Кампањата ќе се спроведува како дел од прославата на 150-от роденден на брендот, а маркетинг директорката на Beck’s, Лаура Салвеј, вели дека проектот има за цел да поттикне дебата и дискусија за иднината на пивото.
„Кога гледате како повеќето брендови слават родендени, тие имаат тенденција да гледаат наназад и да стануваат многу носталгични за она што го направиле во минатото, но ние како бренд секогаш се поттикнуваме себеси да бидеме први и пионери“ – истакнува Салвеј, додавајќи: „Идејата дека можете да вкусите, допрете, почувствувате и да ја држите вештачката интелигенција во ваши раце е нешто уникатно за овој проект.“
Сѐ започнало кога маркетиншкиот тим на Beck’s го прашале четботот ChatGPT каква кампања треба да создадат за да ја одбележат јубилејната годишнина. Вештачката интелигенција им кажала на тимот да подготват ограничено издание на пиво со соодветна кампања и ново пакување. Потоа, тимот одлучил да ја развие и спроведе таа идеја со понатамошна помош на вештачката интелигенција.
Имено, вештачката интелигенција била искористена во секоја фаза на процесот – од развојот на производот и дизајнот на пакувањето, до маркетиншките средства кои ќе се употребуваат и меѓународниот медиски план кој ќе се следи. Единствената човечка интеракција, како што велат од компанијата, било читањето и спроведувањето на инструкциите кои ги дала вештачката интелигенција.
Резултатот е 450 лименки на новото Beck’s Autonomous кои што ќе бидат пласирани на пазарите во Италија, Германија и Велика Британија. Кампањата ќе биде поддржана со печатени, надворешни и дигитални реклами – сите тие целосно создадени од вештачка интелигенција, заедно со посебна веб-страница преку која фановите ќе можат да се пријават за да добијат од ограничениот број лименки на Beck’s Autonomous.