Официјалното крунисување на новиот британски монарх, Кралот Чарлс III, треба да се одржи на 6 мај 2023 година. Меѓутоа, брендот за брза храна и крал на бургерите Burger King се обиде да ги забрза работите и предвреме му понуди круна на кралот при неговата посета на Германија.
Забавниот подвиг на Burger King започна неколку дена претходно, со отворено писмо до кралот објавено на Инстаграм, нудејќи му ја нивната круна. Овој „тизер“ го привлече интересот на фановите на брендот кои потоа чекаа да видат што ќе се случи при Чарлсовата посета на Берлин.
Па така, дојде денот и кога кралот Чарлс се поздравуваше со насобраните луѓе кои го пречекаа во главниот германски град, меѓу нив се најдоа маж и жена кои, носејќи хартиени круни од Burger King, една таква му понудија и на британскиот монарх. Меѓутоа, тој слатко се изнасмеа на целата ситуација и учтиво ја одби понудената круна од „кралот на бургерите“.
Во секој случај, несомнено е дека брендот го привлече вниманието на јавноста кон нивниот необичен подвиг на герила маркетинг, па мисијата беше успешна!
„Среќни сме што на кралот Чарлс III му се допаѓа нашата Burger King круна исто колку и на нас. Ова беше најлудиот инфлуенсерски подвиг што сме го направивиле досега. Бог да го чува Burger King!“ – истакна Феликс Фенц, генерален креативен директор на агенцијата Grabarz & Partner која стоеше позади подвигот.
„За нас, да се биде крал значи да се биде автентичен, да се биде толерантен, да не се сфаќаш премногу сериозно. Само биди тоа што си. Верни на нашето мото: „Нека биде по твој начин““ – додава Клаус Шмајнг, маркетинг директор на Burger King во Германија.