Светскиот бренд на безалкохолни пијалаци Coca-Cola ја ангажираше американската супермоделка Џиџи Хадид за својата нова глобална кампања фокусирана на готвењето и споделувањето оброци.
Централниот спот на кампањата насловена „A Recipe for Magic“ („Рецепт за магија“) ја прикажува Хадид и нејзините пријатели кои ѝ доаѓаат на гости за заеднички да припремаат тестенини и да уживаат во вкусниот оброк, притоа наздравувајќи со шише Кока-Кола. Очигледно, кампањата има за цел да ги поттикнува луѓето да се дружат и да споделуваат храна и Кока-Кола на заедничка трпеза.
Спотот ќе се емитува на телевизија на повеќе глобални пазари во текот на месеците април и мај, а кампањата ќе биде дополнително проследена со out-of-home реклами и активности на социјалните мрежи преку ангажман на повеќе инфлуенсери.
Кампањата е дел од пошироката бренд-платформа на компанијата позната како “Real Magic” („Вистинска магија“).