Неколку недели пред пазарното лансирање на новите хибридни модели на Prius и Prius Prime, јапонскиот автомобилски гигант Toyota отпочна обемна маркетинг кампања за американскиот пазар.
Кампањата е составена од пет телевизиски спотови кои ги нагласуваат „супериорните“ перформанси и дизајн на новите автомобили. „Стилот, перформансите и високотехнолошките карактеристики на целосно новите Prius и Prius Prime ќе редефинираат што потрошувачите мислат, чувствуваат и очекуваат кога ќе се сетат на Prius“ – посочува Лиса Матерацо, потпретседателка за маркетинг на Toyota за Северна Америка.
Спотовите се создадени од различни креативни агенции. Па така, агенцијата Saatchi & Saatchi ги создаде спотовите “Black Sheep” и “Shadow”. Во првата реклама, новиот црн Prius на Toyota е прикажан на градските улици помеѓу стадо од бели овци – сосем јасна порака за конкурентите. Во вториот спот, автомобилот се трка со сопствената сенка – бидејќи никој друг не може да го стигне.
Агенцијата Conill Advertising продуцирала трета реклама, наречена “Buzz”, во која дизајнот на новиот Prius станува вирален во дигиталниот свет откако ќе биде забележан од минувачите во физичкиот свет.
Останатите две реклами се создадени од InterTrend Communications, а наречени “Reborn” и “Exhilarating”. Во првиот спот, автомобилот станува муза на некој уметник, додека во вториот спот – претставува извор за инспирација на некој диџеј.
Покрај спотовите кои ќе се емитуваат на телевизија, интернет и во кино-сали, кампањата исто така ќе вклучува билборди во физичкиот свет и разни други содржини во дигиталниот свет.