На вчерашното Ино Кафе беа презентирани два иновативни производи креирани и развивани од страна на млади тимови во ИНО ФАБ ЛАБ, првата лабораторија за производство и прототипирање која се наоѓа на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје. Беше презентирана работата на на тимовите „Дизајнирање и прототипирање на аеродинамичен објект“ и на тимот „“Green lazy bags oд текстилен отпад“ кои во изминатите месеци беа развивани под менторство на професори и асистенти на Технолошко-металуршкиот и Машинскиот факултет.
Првиот тим работеше на дизајнирање на иновативно крило за мали летала кое е инспирирано од природата. Овој тим врз основа на повеќе истражувања и математички пресметки дојде до заклучок дека аеродинамичкиот објект (крило) направено според крилото на гуска има најдобри перформанси.
Своите искуства како претприемачи и менаџери со присутните гости ги споделија Весна Иваноска е Генерален Менаџер на Сеавус едукативен и развоен центар и Горан Митревски, сопственик и дикректор на КАБТЕЛ, компанија со експертиза и решенија за сајбер-безбедност, автоматизација и интеграција, бекап на податоци, мрежи и техничко обезбедување.
Клучната порака од нив до присутните млади е дека зад секој успех стои многу работа, труд и континуирано учење.
Првата лабораторијата за производство и прототипирање ИНО ФАБ ЛАБ лоцирана на Технолошко-металуршки факултет (ТМФ) во Скопје, е основана од страна на Здружението ИНО ТЕХ КЛУБ во партнерство со Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, со поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој, амбасадата на САД и компаниите Макстил, Цементарница УСЈЕ, Кабтел, Завар Компании и Теxtile Solutions. Во неа, под менторство на академски професори и стручни лица од реалниот сектор, младите на возраст од 15 до 29 години развиваат и тестираат иновативни идеи до создавање продукт-прототип. Клучната цел на оваа лабораторија е да се зајакне иновативната инфраструктура во земјава и да се подобрат вештините и знаењата на младите средношколци и студенти.
Сите заинтeресирани за учество во работата на Ино Фаб Лаб може да се пријават на следниот линк.