Социјалната мрежа Твитер соопшти дека ја ограничува својата огласувачка платформа, која отсега ќе биде достапна за користење само на претплатени и верификувани организации.
Потегот доаѓа неполно деноноќие откако Твитер одлучи да ги сокрие „наследените“ сини ознаки на претходно верификуваните корисници, кои што сé уште не се претплатиле кон Twitter Blue. Имено, по преземањето на компанијата од Елон Маск кон крајот на минатата година, Твитер донесе одлука според која секој оној што сака да има сина ознака на „верификација“ ќе мора да се претплати кон Twitter Blue, а не да се потпира на своето претходно „наследство“ или „важност“ во медиумската сфера.
Во соопштението на Твитер се наведува дека секоја организација која веќе има активни реклами на платформата во вредност од над 1000 долари автоматски ќе се квалификува како „верификувана организација“ за рекламни цели. Претплатата кон Twitter Blue, пак, ќе биде предуслов за секој оној што во иднина ќе сака да промовира твитови или на друг начин да ја користи огласувачката платформа на Твитер.
Ваквиот потег на Твитер се оценува од страна на огласувачката јавноста како уште еден обид за амортизација на падовите во приходите од огласување. Според предвидувањата на Insider Intelligence, приходите од огласување на Твитер се очекува да паднат за 27.9% во текот на оваа година во споредба со минатата, односно да изнесуваат 2.98 милијарди долари наспроти минатогодишните 4.14 милијарди долари.