За жал, според некои истражувања, дури 80% од канадските жени пријавиле дека доживеале улично вознемирување. Притоа, додека несоодветните коментари се слушаат насекаде, само 6% од жените кои страдале од овие дејствија посочиле дека некој интервенирал во нивна одбрана.
Така, L’Oréal Paris Canada се здружи со општествената организација Right to Be и креативната агенција McCann Montreal за да ја прекине оваа негативна неактивност и да ги поттикне присутните да интервенираат за да ги спречат инцидентите на улично вознемирување во иднина.
Првиот чекор е едукација на јавноста за да може да забележи кога некоја жена се наоѓа во вознемирувачка ситуација. Во таа насока, брендот постави постери со негативни коментари кои ги обвинуваат самите жртви, сѐ со цел да ги разгневат минувачите и да ги поттикнат на соодветното дејство – да ги искинат постерите.
Овие постери биле поставени на места со голема фреквенција на движење, во кои случајните минувачи најпрво ќе забележат провокативна порака во која се обвинуваат самите жени за нивното возмирување, со вообичаени и глупави изговори како „жените кои носат црвен кармин тоа сами си го бараат“.
Но, кога ќе се погледне поблиску, на постерите се наоѓа фуснота која ја повикува јавноста да ги скине постерите, а кога ќе го сторат тоа – нови, бели пораки го заземаат нивното место. Дополнително, се открива QR-код што ги насочува луѓето да се пријават на обука која ќе им помогне подобро да се спротивстават на улично вознемирување во иднина.
Од брендот се надеваат дека кампањата ќе поттикне околу половина милион Канаѓани да ја проследат 10-минутната програма за обука, така што повеќе луѓе ќе можат да се борат против уличното вознемирување на безбеден начин.