Брендот за пиво Corona делува како зрак светлина во сферата на обновливите извори на енергија со промовирање на нивната транзиција кон 100% соларна енергија во своите колумбиски пивари од 2024 година натаму. По тој повод беше лансирана и нова принт кампања, насловена „Corona Solar Energy“, а создадена во соработка со агенцијата David Bogota.
Кампањата го илустрира големиот афинитет што Corona го има кон нашата животворна ѕвезда, со визуелно впечатливи креативи кои прикажуваат пивско шише кое инаку се наоѓа надвор од рамката на сликата. Меѓутоа, шишето фрла сенка на низа различни пејзажи, при што брендот се препознава по прекршената светлина која минува низ шишето и соодветната етикета.
„Животната средина и природните состојки отсекогаш биле дел од брендирањето на Corona и сега сонцето е клучна компонента во нивниот процес на подготовка. Во оваа кампања сакавме да си поиграме со сончевата светлина, сенките и нивната релфлексија врз природните простори и човечкото тело“ – објаснува Карлос Камачо, генерален креативен директор на агенцијата David Bogota.
Од матичната компанија AB InBev исто така ветуваат дека ќе го префрлат целото идно производство на пиво на соларна енергија како дел од нивниот пакет на климатски таргети.
„Со оваа кампања сакаме визуелно да го прикажеме највисокото значење на тоа да се биде пиво поврзано со природата преку сонцето. За нас, фактот што нашето локално производство ќе биде целосно поткрепено од сончева енергија е важна најава и сакаме со овие фотографии тоа да го изложиме на најточен и најубав можен начин“ – посочува Алваро Де Луна, генерален маркетинг директор на AB Inbev Bavaria.