По повод Неделата на дизајнот што се одржувала во Милано кон крајот на минатата година, гигантот за брза храна McDonald’s се здружил со креативната агенција Leo Burnett за да им помогнат на 400.000 ентузијасти за дизајн да создадат простор на кој ќе можат да уживаат во вкусен оброк. Нивното решение било „TableBag“ – пакување во форма на торбица која се расклопува во масичка.
Картонското пакување во форма на торбица, во кое се подигнувале нарачките од McDonald’s, потоа можело да се расклопи и да се претвори во масичка поставена на специјализирани метални столпчиња на кои пишувало „Дозволете ми да бидам вашата маса“.
Изработени за двајца, картонските масичи имале доволно простор за два бургери и две пакетчиња помфрит, заедно со пар вдлабнатини во улога на држачи за чаши.
Ваквите пакувања биле доделувани на луѓе кои нарачувале преку мобилната апликација на McDonald’s, а со оглед на материјалот од кои биле изработени – по искористувањето можеле стопроцентно да се рециклираат.
Иновативното решение на McDonald’s неодамна повторно го актуализираше креативната платформа за дизајн на пакувања Dieline.