Во организација на Здружението за пазарни комуникации на Србија (УЕПС), свечено им беа доделени признанија на младите надежи на српскиот адвертајзинг, а титулата Young Lions за 2023 година ја понесоа Невена Петровиќ и Никола Мијаиловиќ од агенцијата McCann Белград со нивното дело „Pregledaj se! Meni za ljubav.“
Младите лавови со свои дела одговорија на брифингот на Женскиот центар „Милица“, здружение за поддршка и застапување на пациентки со рак на дојка и рак на грлото на матката, на тема превенција во категоријата принт. Помеѓу 21 апликации од 13 агенции, жирито го оцени решението на Невена и Никола како најиновативно, поразлично и најзначајно во однос на дадената задача. Нивното визуелно решение и порака беа јасни, разбирливи и лесно применливи и на други медиуми, а не само преку печатени огласи.
Водени од фактот дека жените ги ставаат потребите на своето семејство и пријателите на прво место, тие решија да му пристапат на брифот не од женска перспектива, туку од перспектива на оние кои ги сакаат: нивните деца, партнери, членови на семејството, пријателите. Па така, Невена и Никола со реченицата „Pregledaj se! Meni za ljubav.“ најдоа начин да апелираат до најшироката публика и да испратат силна емотивна порака која никого нема да остави рамнодушен и ќе им покаже на жените за што се борат.
„Голема благодарност до жирито и членовите на Женскиот центар Милица што ја препознаа нашата работа и пораката што сакавме да ја испратиме! Беше тешка задача да се испрати моќна, но мотивирачка порака инспирирана од мрачните статистики. Особено сме им благодарни на нашите колеги од агенцијата чија поддршка и разбирање ги имавме во текот на овој процес. При предавањето на делото единствена желба ни беше оваа кампања навистина да се оствари и сега ги броиме деновите до патувањето во Кан“ – изјавија по овој повод Невена и Никола.
Победниците изразуваат сигурност дека во Кан лавовски ќе се борат да ја претстават Србија и регионот на најдобар можен начин, но и агенцијата од која доаѓаат. Им посакаме многу среќа во таа авантура!