Германскиот бренд на пиво Beck’s лансираше необична лимитирана верзија на своето пиво наменето исклучиво за лица кои навршиле 70 години!
Достапно на бразилскиот пазар, новото Beck’s 70+ се карактеризира со специјална формула што е погорчлива од вообичаените светли пива, со цел да соодветствува на поголемата отпорност што постарите луѓе ја имаат кон горчливите и киселите вкусови.
Пивото доаѓа во посебно пакување во кое доминира сивата боја, алудирајќи на сивата коса на повозрасните луѓе. Beck’s 70+ има за цел да ги потсети „младите во душа“ дека животот сѐ уште може да биде возбудлив во доцната зрелост.
Купувањето на новото пиво во маркет ќе може да се оствари само со приложување на личен документ, со цел продавачот да се увери дека лицето кое го купува има навистина навршено најмалку 70 години. Пивото исто така ќе се продава и онлајн, при што исто така ќе мора да се прикачат слика од личен документ.
Овој услов на прикажување личен документ, многу почесто баран од младите луѓе, се наоѓа во фокусот на новата реклама која има за цел да го промовира Beck’s 70+. Всушност, се работи за пародија на една од најпознатите сцени во комичниот игран филм Superbad, во која тинејџери се обидуваат да купат алкохол.
Кампањата е создадена со помош на креативната агенција AKQA.