Комората на сценаристи на Америка во филмскиот и телевизискиот сектор во вторникот започнаа штрајк со кој бараат посигурни работни места.
Штрајкот доаѓа во време кога филмската и телевизиската индустрија го трансформира својот традиционален модел на емитување и кабелско програмирање, насочувајќи се повеќе кон стриминг услугите, што кај сценаристите резултирало со нестабилност во нивната работа.
Имено, според Комората на сценаристите, новите оперативни модели на индустријата доведуваат до таква работна средина во која сценаристите страдаат од намалени можности за работа, без трајно вработување и во постојана потрага по нови, еднократни, хонорарни ангажмани.
Притоа, се посочува дека самите продукциските компании и нивните раководители заработуваат сé повеќе пари, но тоа соодветно не се одразува во приходите на сценаристите и другите работници кои забележуваат пад во нивните лични примања.
Од Комората на сценаристи сакаат да постигнат колективен договор со продукциските и медиумски компании со кој тие би биле обврзани задолжително да вработуваат одреден број на сценаристи, без разлика дали во моментот постои активна работна потреба од нив, истовремено гарантирајќи го времетраењето на нивниот работен однос.
„Иако преговаравме со намера да направиме фер договор… одговорите на продукциските студија на нашите предлози беа целосно недоволни, со оглед на егзистенцијалната криза со која се соочуваат сценаристите. Тие ја затворија вратата на сопствената работна сила и ја отворија вратата за пишувањето сценарија како целосно хонорарна професија. Ниту еден таков договор никогаш не би можел да се замисли од ова членство“ – истакнуваат во своето соопштение до јавноста од Комората на сценаристи на Америка.
Покрај промените предизвикани од развојот на стриминг платформите, сценаристите исто така стравуваат за својата работа поради забрзаниот развој на вештачката интелигенција. Новата технологија веќе доведува до низа отпуштања во технолошкиот и медиумските сектор, па се наметнува стравот дека еден таков бран наскоро би можел да го зафати и продукцискиот сектор, пред сé во сферата на пишувањето сценарија.
Како резултат на штрајкот, повеќе продукциски куќи во Америка прекинаа со работа, доведувајќи до тоа голем број телевизиски емисии да бидат „паузирани“ и да репризираат епизоди. Штрајкот исто така ја загрозува продукцијата на нови филмови и филмски серии во пресрет на претстојната есенска сезона.
Штрајкот е планиран да трае неодредено време, односно до постигнување на договор помеѓу сценаристите и нивните работодавци. Последниот штрајк на Комората на сценаристи на Америка траеше дури 100 дена, од ноември 2007 до февруари 2008 година.