Во февруари оваа година, технолошкиот гигант Microsoft го претстави својот обновен пребарувач Bing, надограден со моќта на вештачката интелигенција. Еден месец подоцна, компанијата објави дека алатката веќе надминала 100 милиони дневни корисници.
Сега, пак, Microsoft официјално го отвори новиот и подобрен Bing за сите корисници, укинувајќи го досегашниот „список на чекање“. Односно, секој корисник кој што сака да го проба новиот пребарувач со вештачка интелигенција ќе може да го стори тоа, со единствен услов – да биде најавен на прелистувачот Edge на Microsoft.
Од своето лансирање, пребарувачот бил искористен за обработка на повеќе од половина милијарда разговори, овозможувајќи им на корисниците да генерираат сè – од добивање на сумирани одговори за разни прашања, до планирање на маршута за патување или организирање на податоци во табела.
Истовремено, преку 200 милиони слики биле генерирани со помош на Bing Image Creator, а бројот на дневни инсталации на мобилната апликација се зголемил за четири пати од нејзиното лансирање.
Следната генерација на платформата ќе биде уште понапредна, збогатувајќи ги сегашните функции за пребарување и разговор, главно базирани на текст, со повеќе визуелни содржини како слики и видеа.
Наскоро, Microsoft планира да додаде мултимодална поддршка на платформата и да им овозможи на корисниците да преминат од еднократни сесии на разговор или пребарување до попродуктивни искуства со повеќе поврзани сесии кои ја следат историјата на разговори во рамки на прелистувачот.