Монтана стана првата сојузна држава во САД што целосно го забрани ТикТок. Гувернерот Грег Џанфорте го потпиша законот, според кој на граѓаните и владините службеници повеќе не им е дозволено да ја преземаат апликацијата на своите телефони.
Во моментов, ТикТок го користат над 150 милиони Американци. Во текот на последните неколку години, социјалната мрежа стана место кое обезбедува забава, а многумина креатори на содржини негуваат верна група на следбеници и обезбедуваат живеачка од апликацијата.
Новиот закон на Монтана вели дека на Apple и Google нема да им биде дозволено да ја нудат апликацијата за симнување во своите „продавници на апликации“, а доколку не го почитуваат тоа, ќе се соочат со парична казна од 10.000 долари за секој изминат ден. Истото важи и за самиот ТикТок. Од друга страна, граѓаните нема да сносат никаква казна.
Гувернерот Џанфорте напиша на Твитер дека потегот е да се заштитат податоците на жителите на Монтана од очите на Кинеската комунистичка партија. Прашањата поврзани со приватност на ТикТок и неговата поврзаност со кинеските власти се актуелна тема во последните неколку месеци, кулминирајќи со тоа што извршниот директор на ТикТок, Шоу Зи Чу, беше изведен пред сослушување во американскиот Конгрес.
Федералната влада и околу половина од сојузните држави во САД веќе ја имаат забрането употребата на ТикТок на официјални владини уреди и телефони. Американската федерална власт исто така се закани со национална забрана доколку БајтДенс, матичната компанија на ТикТок, не ја продаде апликацијата на компанија во американска сопственост. Останува да видиме до каде ќе оди таа работа.
Новиот закон на Монтана не е ограничен само на ТикТок, туку ја забранува сета употреба на дигитални платформи кои собираат кориснички податоци за странски правни субјекти, што би ги вклучувало и кинескиот WeChat и рускиот Telegram.
Новиот закон на Монтана ќе стапи на сила на 1 јануари 2024 година.