Turinela е мал семеен производител на повеќекратно наградувано маслиново масло од Истра, Хрватска. Со помош на креативната агенција Bruketa&Žinić&Grey, брендот доби уникатна амбалажа со етикета која танцува.
Основниот дизајн на етикетата се состои од централен мотив кој всушност претставува поедноставен графички приказ на маслиново дрво, а чиешто стебло во форма на буквата „Т“ асоцира на името на брендот.
Името Turinela потекнува од локалитетот Мали Турини каде што се одгледуваат маслинки, а локалниот истарски фолклор послужил како инспирација за интерактивниот елемент на етикетата. Имено, според локалната легенда, самовилите ноќе спиеле на маслинови дрвја, а дење со својот магичен танц го граделе амфитеатарот во Пула.
Оваа легенда потоа беше „оживеана“ со помош на технологијата на проширена реалност. Имено, преку скенирање на QR кодот на етикетата со помош на паметен телефон, секој купувач ќе може да ја „повика“ самовилата Туринела, да го проследи нејзиниот танц и за момент да ја доживее нејзината магија!