По објавувањето на финансискит резултати на Disney во вториот квартал од годината, извршниот директор Боб Ајгер најави дека стриминг платформата Disney+ наскоро ќе ја вклучи и понудата на содржини од сестринската платформа Hulu.
Корисниците кои се претплатени на Disney Bundle Duo Basic и Disney Bundle Trio Basic ќе можат брзо и едноставно да пребаруваат содржини на која било платформа без да се префрлаат помеѓу различните апликации. За оние кои пак сакаат да продолжат да ги користат апликациите одвоено, тие сѐ уште ќе ја имаат опцијата да се најавуваат на секоја апликација поединечно.
Иако можеби звучи како вреден додаток кој на корисниците им овозможува пристап до повеќе содржини, овој потег во суштина има за цел да го зголеми профитот на стриминг гигантот.
Претходно, Disney+ ги извести корисниците за воведувањето на ново претплатничко ниво поддржано од реклами, слично на Netflix, по цена од 8 американски долари месечно. Таквата понуда дојде заедно со зголемување на цената на пакететот без реклами со вклучен Hulu, чија цена беше подигната од 9.99 на 11 американски долари месечно.