Откако се појавија првите навестувања пред неколку години, фановите на Apple и технолошките ентузијасти со нетрпение чекаа и шпекулираа што ќе понуди нивниот прв хедсет за виртуелна реалност. Чекањето сега заврши, бидејќи Apple конечно го претстави долгоочекуваниот хедсет Vision Pro за време на конференцијата за девелопери WWDC 2023.
Една од главните работи што треба да ги донесе Vision Pro е т.н. “Spatial Computing” („Просторно пресметување“), што значи дека ги поврзува забавата, продуктивноста и комуникацијата во еден пакет и ги става пред вашите очи преку уредот кој се носи на глава. Дополнително, хедсетот ќе работи со различни „апликации и искуства“ за да ги „оживее“ не само филмовите или игрите, туку и работниот простор на сосема нов начин.
Уште една важна карактеристика на Vision Pro е таканаречената “EyeSight” („Очен вид“), преку која хедсетот создава дигитален дупликат на вашите очи со цел нивно проектирање од надворешната страна, имитирајќи го нивното движење со помош на вештачка интелигенција и одавајќи перецепија дека гледате преку хедсетот како преку очила. Ваквата функција е замислена да се активира кога ќе ви пристапи некој човек во реалниот свет, со цел да не мора да го вадите хедсетот за да разговарате со него, а сепак да го „гледате“ в очи. Дигиталниот дупликат на лицето на корисникот ќе се прикажува и при видео повици кои се реализираат преку хедсетот.
Уредот функционира со помош на истиот M2 чип кој е содржан во MacBook, а во случајот на хедсетот е поврзан со по еден 4K екран за секое око. Ова овозможува прецепција на „лебдечки екрани“ на кои можат да се прикажуваат филмови, видеа, апликации, игри, па дури и презентации за работа. Преку новиот хедсет на Apple ќе можат да се гледаат и филмови во 3D.
Во однос на контролите, уредот користи мешавина од глас, очи, прсти и допир. На пример, вашите прсти можат да „тапкаат“ на содржината или да ги зголемат видеата и фотографиите, додека вашите очи можат да избираат различни опции што можете да ги потврдите со вашиот глас. Со помош на копчето „Digital Crown“ корисниците ќе можат да преминуваат од виртуелниот во физичкиот свет.
Колку и да звучи возбудливо, Vision Pro доаѓа со прилично висока цена од 3.499 американски долари, а ќе биде пуштен во продажба на почетокот на 2024 година.
Во продолжение погледнете ги демонстративниот видеа на Apple за новиот Vision Pro: