Проекција и сесија на прашања и одговори со водечка актерска екипа на Sony Pictures Television, панел за изминатите 10 години на NEM, важни увиди за индустријата од Френк Спотниц и Марија Руа Агуете, забава на Eutelsat и многу повеќе
Омилениот ТВ-пазар на Централна и Источна Европа со уникатен поглед, NEM Dubrovnik 2023, започна на 5-ти јуни откако лидерите на ТВ индустријата од целиот свет пристигнаа во Дубровник, Хрватска.
До 8-ми јуни, Дубровник ќе биде централната локација за професионалците од ТВ индустријата, носителите на одлуки и купувачите заинтересирани за водење ТВ бизнис во комбинација со инспиративни клучни говори, информативни панел дискусии и презентации, заедно со премиери и вмрежување меѓу учесниците и гостите во удобен амбиент.
Поголемо од кога било, јубилејното 10. издание на фестивалот започна со рекорден број учесници, излагачи и спонзори. Вмрежувањето беше отворено со кафе-пауза обезбедена од OIV – Digital Signals and Networks.
Френк Спотниц, извршен директор и извршен продуцент во Big Light Productions и еден од омилените чести посетители на NEM беше претставен како прв од рекордните 11 главни говорници на овогодинешното издание. Г-дин Спотниц сподели сознанија за постојано променливата ТВ индустрија: „Ако сакаме да ја подобриме европската телевизија, тогаш ми се чини дека добар прв чекор е да се имаат основни вредности за кои знаеме дека се стремиме да ги исполниме. Потребни ни се попрактични, поконкретни стратегии – на сите територии во Европа, но особено во помалите земји каде што ресурсите се пократки. Тој недостаток на економска моќ може да се гледа како хендикеп, но може да се гледа и како предност – места каде што е полесно да се прифатат промените поради нивната големина“.
Презентацијата FAST Revenues од Марија Руа Агуете од Omdia следеше во Панелната сала каде првпат беа објавени податочните предвидувања за бизнисот на бесплатни стриминг телевизии поддржани од реклами (Free ad-supported streaming television – FAST) во Централна и Источна Европа. Според нив, има помал интерес кај потрошувачите за FAST бидејќи платената телевизија (pay TV) сè уште расте, а традиционалното гледање на бесплатни канали е исто така силно. Сепак, во Источна Европа приходите на FAST ќе се удвојат во следните 5 години, достигнувајќи 42 милиони долари до 2028 година.
Првиот ден исто така беше посветен на десетте возбудливи години од развојот на New Europe Market (NEM). За време на панелот “10 Years of NEM”, спонзориран од Mediavision, Сања Божиќ-Љубичиќ, извршен директор на Pickbox, Mediatranslations, Mediavision и NEM, на едно место собра долгогодишни поддржувачи и пријатели на NEM:
- Сабрина Плувинаж, директор за продажба на видео за европскиот пазар, Eutelsat
- Бранко Чакармиш, генерален директор, Pro Plus
- Павел Станчев, извршен директор, TV2 Media Group и Planet TV
- Адријан Јежина, извршен директор, Telemach Croatia и Telemach Slovenia.
Тие се присетија на изминатата деценија, сеќавајќи се на различни анегдоти и незаборавни моменти споделени на ТВ маркетот на кој сите со задоволство се враќаат секоја година. „Неверојатно е да се види како израсна овој настан. Тоа е единствениот настан каде што можете да ги видите вашите конкуренти и да разменувате идеи. Овој затворен круг е толку полн со енергија“, рече Павел Станчев, а Бранко Чакармиш додаде: „NEM започна со мала идеја која се претвори во настан од светска класа за нашата индустрија.“
Како горд спонзор на вечерта на отворањето, Sony Pictures Television одржа ексклузивна проекција на “Alert: Missing Persons Unit” во која учествуваа многу специјални гости, вклучувајќи ги Данија Рамирез (“Sweet Tooth”, “Once Upon a Time”, “Entourage”) и Рајан Брусар (“Only Murders in the Building”, “Sistas”, “Black Bird”). За време на сесијата за прашања и одговори, водена од Марк Јанг (извршен потпретседател за диструбуција за Европа, Блискиот Исток и Африка при Sony Pictures Television), ѕвездите на серијата го споделија своето задоволство од брзото обновување на втората сезона на Fox по нејзиниот успех на повеќе платформи. Се разговараше и за тоа како Карла Кетнер (“Panhandle”, “The Blacklist”, “Bones”) го презеде водството за втората сезона на Alert, со Џон Ајзендрат како извршен продуцент, и како серијата ќе продолжи да нуди моќно раскажани приказни.
Атмосферата беше совршено загреана за забавата организирана од Eutelsat, каде сите уживаа во ноќта и го подигнаа расположението за возбудливите панели, клучни говорници и настани за вмрежување кои се очекуваат во наредните денови. Тоа беше совршениот крај за првиот ден на NEM Dubrovnik 2023.
Повеќе информации за настанот се достапни на официјалниот веб-сајт на NEM Dubrovnik 2023.