Британскиот бренд на јаболков сајдер Strongbow ја лансираше првата телевизиска кампања откако пред некој месец го претстави својот нов визуелен идентитет, отфрлајќи ја традиционалната црно-златна боја за прв пат од основањето во 1960 година.
Од компанијата велат дека кампањата вредна 20 милиони фунти означува „нова ера“ за брендот, а има за цел да постигне поширока свесност кај јавноста за нивното неодамнешно ребрендирање. Централниот спот на кампањата прикажува група луѓе на домашна забава кои се облечени во необични, па дури би рекле и апсурдни костими.
„Ова е значајна нова ера за Strongbow која го полни брендот со свежа енергија, боја и амбиција, а дали има подобар начин да се отпочне [таа ера] отколку со домашна забава, каде што се појавуваат секојдневни легенди и покажуваат од што се направени во избор на смели, уникатни комбинации?“ – посочува Рејчел Холмс, маркетинг директор за сајдер при матичната компанија Heineken во Обединетото Кралство.
Strongbow важи за најконзумираниот сајдер во Велика Британија, со 28% удел на пазарот. Тој исто така важи за еден од најпопуларните брендови на сајдер во светот.
Новата кампања на Strongbow е создадена во соработка со креативната агенција Otherway.